Врз основа на јавно искажаните обвинувања и паушалните наводи за загадување на вештачкото езеро-акумулација Мантово предизвикано од активностите на рудникот Боров Дол, во насока на правилно информирање ја информираме јавноста дека:
На 28-ми декември 2021 година, од страна на стручните екипи на рудникот, заедно со надлежните органи од ДИЖС и професори од УГД – Штип, земени се мостри од почвата и водата од брана Мантово и доставени до акредитирана лабораторија на детални испитувања. За време на теренскиот инспекциски надзор не е констатирано истек на води од рудникот во вештачкото езеро Мантово, како и прашина во воздухот.
Квалитетот на воздухот во околината на рудникот Боров Дол се следи на две мерни станици преку 24-часовни идикативни мерења на ПМ10 честичките и тоа на мерна локација Мантово и мерна локација Дамјан, при што во досегашното работење нема забележано надминување на граничните вредности за квалитет на воздухот. Податоците за следењето на квалитетот на воздухот во реално време се јавно достапни на следниов линк:http://coppermine.ugd.edu.mk/Station.aspx?Station=18 .
На 29-ти декември 2021 година, од страна на акредитирана лабораторија за животна средина, во присуство на надлежни органи од ДИЖС, повторно се земени мостри од водите на вештачкото езеро Мантово и доставени на лабораториски испитување за утврдување на квалитетот на водата. Воедно, земена е и мостра камен наталожен со сини и зелени честички, доставена на испитувања до Институтот за биологија при ПМФ – УКИМ.
Од извршените испитувања на доставените примероци од водата во брана Мантово, анализите покажуваат дека испитaните примероци не ги надминуваат граничните вредности, односно во водата во вештачкото езеро Мантово нема присуството на потенцијални штетни хемикали од активностите на рудникот Боров Дол. Интензивната измена на бојата на водата и последователното натрупување и обојување на брегот на брана Мантово се должи на масовен развиток на цијанобактерија или поточно вид на сино-зелена алга по името Aphanizomenon klebahnii.
Земајќи го предвид стручното мислење од страна на Институтот за биологија, дека ваквата појава претставува закана за целиот екосистем, како и за луѓето кои ја користат акумулацијата Мантово за различни намени и дека се потребни понатамошни детални испитувања за откривање на причините кои ја предизвикуваат појавата на овие алги, рудникот Боров Дол на своја иницијатива ќе ги обезбеди истите, со цел утврдување на причината, како и поддршка на Општина Конче во решавање на главните тековни еколошки проблеми со кои истата се соочува. Притоа, во соработка со Општина Конче, рудникот Боров Дол ќе организира и еколошка акција за чистење на крајбрежјето на брана Мантово, како и езерската викенд населба Мантово, за отстранување на отпадот и подобрување на состојбата во животната средина во околината.
“Се стремиме да осигуриме социјален, еколошки и економски развој во интерес на сегашните генерации кој ги зачувува вредностите за идните поколенија. Се однесуваме одговорно кон животната средина и општеството во кое што работиме. Рудникот е изграден согласно современите најдобри технологии и во тековните активности ги користиме најдобрите достапни техники и практики. Имаме воспоставено систем што ни овозможува постојано да ги следиме влијанијата врз животната средина и работиме во целосна усогласеност со сите законски норми и прописи за заштита на животната средина во РСМ.,” – изјави Ивица Карапетров, в.д. генерален директор на Боров Дол.
Во прилог ги доставуваме и мислењата од Државен инспекторат за животна средина.
Линк до објавeн записник од ДИЖС од првиот извршен вонреден инспекциски надзор на брана Мантово:https://m.facebook.com/story.php?story_fbid=338996311402072&id=105140678120971
Линк до објавен записник од ДИЖС од вториот извршен вонреден инспекциски надзор на брана Мантово:https://m.facebook.com/story.php?story_fbid=339562208012149&id=105140678120971
Линк до објавен заклучок од ДИЖС од резултатите од извршените анализи:https://m.facebook.com/story.php?story_fbid=223557949967884&id=100069410400559