Рудниците Бучим и Боров Дол ја реализираа иницијативата за поддршка на лицата со интелектуална попреченост, организирајќи посета на 02 октомври 2024 година, во рамки на која 15 корисници на Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Радовиш, заедно со придружници, имаа можност да се запознаат со рударските активности и инфраструктурата на рудникот Боров Дол .
Оваа посета е значаен чекор кон промоција на инклузивно општество, со што рудниците Бучим и Боров Дол ги демонстрираат своите заложби за прифаќање на различностите и обезбедување еднакви можности за сите членови на заедницата. Целта на оваа иницијатива е да се подигне јавната свест за важноста на интеграцијата на лицата со интелектуална попреченост како рамноправни и активни членови на заедницата.
Членовите на ПОРАКА Радовиш беа запознаени со различни аспекти од рударските операции, со што се поттикнува нивната интеграција и вклучување во општеството. Тие ја посетија машинската работилница, копот на рудникот Боров Дол, како и административниот објект каде што им беше организирана кратка презентација за рударските активности. Во текот на посетата, посетителите добија и лична заштитна опрема за безбедно разгледување на рудникот. Посетата заврши со заеднички ручек организиран во рудникот Бучим.
Изјава на заменикот управител на рудниците Бучим и Боров Дол, Ивица Карапетеров:
„Нашата мисија не се ограничува само на економскиот развој; ние градиме заедници кои нудат еднакви шанси за секој поединец. Поддршката на лицата со интелектуална попреченост е составен дел од нашата визија за одржлив развој, што вклучува почитување и прифаќање на различностите. Преку оваа иницијатива, сакаме да испратиме порака дека сите сме одговорни за создавањето на инклузивно општество, кое ќе ги прифати и вреднува сите свои членови. Веруваме дека со ваквите активности не само што ја зголемуваме свеста за важноста на инклузијата, туку и поттикнуваме конкретни чекори за создавање средина каде што сите имаат еднакви можности за учество.“
Рудниците Бучим и Боров Дол остануваат посветени на поддржување на иницијативи кои промовираат инклузија, еднаквост и поттикнуваат долгорочен одржлив развој, со цел градење заедница која го прифаќа секој свој член, обезбедувајќи рамноправност, почит и можности за сите.
Линк до видеото: https://youtu.be/-_nfc6T5rQc
Post A Comment